Лука Дончиќ испушти голема можност да стане првиот кошаркар во историјата со два трипл дабла, но сепак направи доволно за Словенија да го совлада Израел во клучниот натпревар за пласман во следната фаза од Европското првенство.
Континенталниот шампион од 2017 година го совлада Израел со 106-96 и најверојатно од третата позиција во групата ќе влезе во осминафиналето. Убедливо најзаслужен за тоа беше Дончиќ кој за безмалку 34 минути во игра постигна 37 поени, 11 скока и 9 асистенции за индекс 45. Ова беше вторпат на првенството за малку да му избега трипл дабл бидејќи против Франција застана на 39 поени, 9 асистенции и 8 скока.
Клучната предност Словенците ја направија во првото полувреме кое го добија со 56-43. Во третиот период предноста се искачи на 15 разлика, Израел потоа со серија од 10-2 се доближи на 78-83, но Дончиќ и Препелиќ со пет поени во низа ја однесоа Словенија повторно на двоцифрена предност. Истото се случи нешто подоцна, при 88-83 кога следуваше уште пожесток одговор, со серија од 8-0 за точка на сите дилеми околу победникот.
Покрај Дончиќ, кај Словенците се истакнаа уште Николиќ со 16 поени и Ален Омиќ со дабл дабл од 11 поени и 10 скока.Дени Авдија со 34 поени ја предводеше израелската репрезентација.


