Лука Дончиќ е лидер во трката за најкорисен кошаркар (МВП) во НБА-лигата за сезоната 2026/27. Официјалната интернет-страница на најсилната кошаркарска лига во светот ја објави првата овосезонска листа на десетте главни кандидати, а словенечката суперѕвезда се најде на самиот врв.
Дончиќ одлично ја започна новата сезона во дресот на Лос Анџелес Лејкерс и моментално има просек од 38,5 поени, 8,1 скок и осум асистенции по натпревар. Особено впечатлива е неговата серија од шест последователни натпревари со најмалку 35 поени, пет скока, пет асистенции и пет погодени тројки, нешто што досега не му успеало на ниту еден кошаркар во историјата на НБА.
Второто место му припадна на Виктор Вембанјама од Сан Антонио Спарс, кој бележи просек од 29 поени, 12,4 скока и 4,5 блокади. Французинот неодамна одигра натпревар за паметење против Далас, постигнувајќи 52 поени, 24 скока и осум блокади.
На третата позиција е актуелниот двократен МВП, Шеј Гилџес-Александер од Оклахома Сити, со просек од 30,1 поен, 4,5 асистенции и 4,3 скока.
Меѓу најдобрите пет се најдоа и Тајрис Макси од Филаделфија и Џејсон Тејтум од Бостон. Особено внимание привлекува враќањето на Тејтум на највисоко ниво по тешката повреда на Ахиловата тетива.
Шестото место му припаѓа на Алперен Шенгун од Хјустон, пред Стеф Кари од Голден Стејт и Јанис Адетокумбо од Мајами. Деветти е младиот Купер Флег од Далас, додека листата на десетте најсериозни кандидати ја затвора Никола Јокиќ од Денвер.
Српскиот центар, кој има три МВП-признанија, моментално е дури десетти, иако бележи просек од 23,4 поени, 9,7 скока и 9,3 асистенции. Неговиот послаб старт со Денвер е една од причините за ваквиот пласман.
Првата МВП-листа на НБА за сезоната 2026/27 изгледа вака:
- Лука Дончиќ (Лос Анџелес Лејкерс)
- Виктор Вембањама (Сан Антонио)
- Шеј Гилџес-Александер (Оклахома Сити)
- Тајрис Макси (Филаделфија)
- Џејсон Тејтум (Бостон)
- Алперен Шенгун (Хјустон)
- Стеф Кари (Голден Стејт)
- Јанис Адетокумбо (Мајами)
- Купер Флег (Далас)
- Никола Јокиќ (Денвер)
Интересно е што меѓу следните пет кошаркари зад топ 10 се наоѓаат Тај Џером, Дени Авдија, Кејд Канингем, Скоти Барнс и Џејлен Брансон.
Од НБА нагласуваат дека станува збор за неделно рангирање кое се базира на индивидуалните настапи, формата во последниот период и достапноста на кошаркарите, а не за конечна прогноза за освојувачот на признанието.


