Поранешниот кошаркар на Хапоел Тел Авив, Крис Џонс официјално е новиот плејмејкер на Црвена Звезда.
Џонс ќе го облече црвено-белиот дрес откако ја заврши сезоната со Хапоел Тел Авив, каде што помина една сезона. Со белградскиот клуб потпиша двегодишен договор и се очекува да биде огромно засилување за тимот претстојната сезона.
„Денес, Крис Џонс е еден од најдоверливите плејмејкери во европската клупска кошарка и тимски играч кој ги користи своите индивидуални квалитети максимално за тимот. Крис Џонс носи одличен квалитет и искуство во Црвена Звезда како плејмејкер, а тој пристигнува во Белград по големите напори вложени во претходниот период од спортскиот сектор, Џонс да го носи црвено-белиот дрес. Клубот сака да ја искористи оваа можност да му се заблагодари на нашиот нов играч за потпишувањето на договорот со Црвена Звезда, и покрај многу повеликодушните понуди од неколку клубови од Евролигата“, се вели во соопштението од Звезда.
Џонс одигра 42 натпревара во Евролигата за Хапоел, вклучувајќи го и плејофот, каде што имаше просек од 10 поени, два скока и 4,2 асистенции за околу 20 минути на теренот. По четири години на колеџ (2011-2015), почна да гради кариера во Европа, играјќи во Швајцарија, Белгија, а од сезоната 2019 во Бурса започна неговиот подем, кој самиот го изгради со добри игри и постојан напредок во кариерата.
Покрај за тимот од Израел, тој играше три сезони за Валенсија во Еврокупот и Евролигата, како и за Асвел, Макаби Тел Авив и Бурса. Во Звезда доаѓа како замена за Коди Милер Мекинтаер, кој замина во Олимпијакос.


