Години наназад ТФТ има некои од најдобрите странци во македонското кошаркарско првенство, а доказ за тоа се клубовите каде тие ги продолжуваат своите кариери.
Последниот од нив е американскиот интернационалец Реј Сомервил кој претстојната сезона ќе игра во Суперкупот. Негов нов клуб е литванскиот прволигаш Нептунас Клаипеда со кого Сомервил потпиша договор на една сезона, со можност за продолжување на уште една. Спортски директор на Нептунас е поранешниот кошаркар на Пелистер, Бранко Мирковиќ кој добро ги познава работите во земјава и се уште е близок со некои од тренерите и играчите.
„Со задоволство го претставуваме најновото засилување во тимот, Рејмонд Сомервил. Реј успеа да го демонстрира својот потенцијал и горди сме што го имаме во нашиот тим. Тој е вистински центар, висок играч кој добро игра и во напад и во одбрана“, рече Мирковиќ.
Сомервил беше еден од главните играчи на ТФТ и меѓу најзаслужните што тимот од Тафталиџе последната сезона стигна до финалето во АБА 2 лигата. Нептунас ја заврши кампањата во литванското првенство на третото место и заедно со Лиеткабелис ќе ја претставуваат Литванија во Еврокупот.


