Поранешниот кошаркар на Црвена Звезда, Урош Плавшиќ може да се соочи со затворска казна до пет години поради сомнение за напад врз член на обезбедувањето на Военомедицинската академија (ВМА) во Белград.
Како што објавија српските медиуми, Плавшиќ е уапсен по наредба на Вишото јавно обвинителство во Белград, а се сомничи дека скокнал преку оградата на комплексот ВМА и физички нападнал воен офицер на должност на рецепцијата, ноќта меѓу 16 и 17 јули. Според досегашните информации од истрагата, обезбедувањето успеало да го совлада осомничениот и да ја повика Воената полиција, по што Плавшиќ бил предаден на припадници на Министерството за внатрешни работи. Воениот офицер во инцидентот претрпел полесни повреди на главата и раката.
Против 27-годишниот Плавшиќ е покрената постапка поради сомнение за сторено кривично дело напад врз воен офицер при вршење на воена служба. За ова кривично дело е предвидена затворска казна од три месеци до три години, додека во зависност од околностите на случајот и последиците предизвикани од нападот, казната може да биде потешка, односно до пет години затвор.
На Плавшиќ му е одреден притвор до 48 часа, а Вишото јавно обвинителство во Белград ќе одлучи за понатамошните чекори.
Центарот летово се врати во Црвена Звезда по позајмицата во Бешикташ, но неодамна потпиша договор со романскиот клуб Клуж. Во текот на својата кариера, тој играше и за српската репрезентација, со која освои бронзен медал на Олимписките игри во Париз.


