Првпат по девет години, „мајсторка“ ќе го одлучува шампионот во НБА лигата откако Индијана ноќеска ја растури Оклахома во шестиот меч од серијата.
Пејсерс на домашен терен славеа со 108-91, но дури и така убедливата победа не го отсликува реално она што се случуваше на теренот. Тимот на Индијана толку доминираше што по три четвртини имаше водство од 30 поени разлика, па во последниот квартал тренерот Марк Дегно на терен ги испрати „резервните“ играчи, а тие делумно го покрија срамот.
Домашните навивачи беа воодушевени од Тајрис Халибартон кој се повреди на претходниот меч, но повреден играше ноќеска и на теренот помина безмалку 23 минути. За тоа време постигна 14 поени и пет асистенции и покажа дека е лидер на овој тим и покрај тоа што не беше најефикасен. Поголем дел од одговорноста презеде Оби Топиин кој постигна 20 поени, Нембхард додаде 17, а Сијакам 16 поени со 13 скока.
Кај Оклахома, прв стрелец беше Шеј Гилџес Александер со 21 поен, но тоа е далеку од неговиот ефект во годинашниот плејоф. По мечот, тој сам призна дека тимот, со него на чело играл ужасно за што доказ е дури 21 загубена топка.
Новиот шампион на НБА ќе биде познат в понеделник рано наутро кога се игра „мајсторката“. Сезонава Оклахома веќе еднаш играше седми натпревар, против Денвер во конференциското полуфинале, додека за Индијана ќе биде прв таков случај. Последни кои преку „мајсторка“ решаваа за шампион беа Кливленд и Голден Стејт во 2016 година и тогаш титулата ја освоија Кавс со Леброн Џејмс во своите редови.


