Исклучително тензичен беше денешниот ден во Ниш каде се одржува завршниот турнир од Купот на Србија.
Вечерва од 20:45 е финалето меѓу Партизан и Црвена Звезда, а пред него бура од соопштенија и преписка меѓу Партизан, односно Остоја Мијаиловиќ и неодамна инаугурираниот претседател на Кошаркарскиот сојуз, Небојша Човиќ. По неколкуте остри пораки, последен се истакна Човиќ кој жестоко го нападна Партизан.
„Евидентно е дека поединци не можеа да издржат ни 20 минути да бидат пристојни и трпеливи, да се одигра финалето и да победи подобриот. Уште сега, како претседател на КСС порачувам: Ако се случи нешто лошо вечерва, апсолутната одговорност е на претседателот и тренерот на Партизан. Повеќе нема криење, таа пракса во КСС нема да постои додека сум јас на чело“, рече Човиќ.
Бурата почна синоќа, кога јавно беа објавени имињата на судиите кои треба да го водат финалето. За главен судија е избран арбитар кој беше дел од сомнителниот меч меѓу Спартак и ФМП што предизвика револт кај дел од новинарите и претставниците на Партизан.


