Поранешниот освојувач на Купот на Македонија, ТФТ им се придружи на Работнички и Пелистер во полуфиналето од плејофот во македонското кошаркарско првенство откако вечерва славеше и во четвртиот дуел против Чаир.
Тимот од Тафталиџе оствари триумф со 70-69 и со вкупни 3-1, втора сезона по ред влезе меѓу четирите најдобри во земјава. Малку недостасуваше Чаир да се избори за „мајсторка“ на домашен терен, но гостите потклекнаа во финишот и мораа да му честитаат на противникот.

ТФТ ја имаше иницијативата во второто полувреме, пред крајот на третата четвртина водеше со највисоки +15 (60-45), а во последните три минути влезе +10 (66-56). Чаир не се предаде, постепено ја намалуваше негативата, а на минута пред крајот дојде и до водство од 69-68. Ташовски потоа погоди едно слободно фрлање за израмнување, а Чаир нешто подоцна имаше цел напад за кош и победа. Роби не го искористи својот шут, а Далгер без потреба го фаулираше Хотон кој при 69-69 доби можност, на 1,4 секунда пред крајот да го реши победникот. Погоди само еднаш, доволно за триумф на ТФТ кој сега ќе го чека подобриот од серијата меѓу МЗТ Скопје и Гостивар.
Виктор Ташовски со 18 поени беше прв стрелец на ТФТ, Николов додаде 15, а Калхун 14. Галовеј го предводеше Чаир со 26 поени и 10 скока.


