Стартот на новата сезона во АБА лигата е доведен во прашање поради сериозниот спор меѓу раководството на натпреварувањето и судиите, кој може да предизвика промени во распоредот уште на самиот почеток на сезоната.
Проблемот е поврзан со барањата на судиите за значително зголемување на хонорарите. Според информациите објавени од повеќе регионални медиуми, судиите бараат 1.200 евра бруто по натпревар во првиот дел од сезоната, додека за завршницата сумите би растеле до 2.000 евра за финалето.
Поради тоа, АБА лигата распиша јавен конкурс за нови судии. Според официјално објавените услови, хонорарот за натпревар од првата фаза во сезоната 2026/27 ќе изнесува 630 евра, додека сумите за четвртфиналето, полуфиналето и финалето се 700, 1.100 и 1.500 евра. Токму овој потег предизвика реакција кај актуелните судии. Во заедничкото соопштение, потпишано од 63 арбитри, тие наведуваат дека нивните барања биле предлози за преговори, а не ултиматум и дека сакаат да се постигне договор со раководството на лигата.
Претседателот на АБА-лигата, Остоја Мијаловиќ, во последните недели истакна дека едно од клучните прашања е воспоставувањето нов систем на управување со судењето.
„Суштината на работата е во тоа што, околу времето на Собранието одржано на 4 септември – на кое ја одбележувавме 25-годишнината од АБА лигата – добивме писмо од еден хрватски адвокат по име Папак, кој сакаше да разговара со нас во име на сите судии. Тие бараа речиси да им ги дуплираме дневниците. Бидејќи буџетот на лигата веќе беше усвоен во јули, исполнувањето на овие барања и дуплирањето на трошоците едноставно не беше изводливо; не беше реално. Одговоривме дека можеме да разговараме за тоа на следната седница – имав намера да го закажам Собранието со задолжителното известување од еден месец однапред – но тие категорично одговорија дека нема да почнат да судат сè додека не се исполнат нивните барања.
Бидејќи (Мигел Анхел) Перез го потпиша договорот (за да стане претседател на Судиската комисија) пред само неколку дена, вчера одржавме работен состанок на АБА лигата и одлучивме да започнеме процес на регрутирање нови судии. Според моменталната ситуација, сезоната не би требало да доцни; сепак, доколку дојде до одложување, можеби ќе го одложиме првото коло за сите клубови и ќе ги одиграме тие натпревари во подоцнежен термин.
Сепак, АБА лигата – која веројатно е второто најсилно натпреварување во Европа – не смее да подлегне на уцени од никого. Верувам дека постојат многу одлични судии, но мора да разбереме дека во приватна компанија – а ова е приватна компанија во сопственост на клубовите – вработените не можат едноставно да си заминат и да бараат дуплирање на платата по само една успешна година.“ Значи, тоа не е ниту одржливо, ниту изводливо. Жалам што упатија такво барање речиси непосредно пред почетокот на сезоната, но едноставно одлучивме да објавиме нов повик за пријавување; веќе се јавија голем број судии, па очекувам дека ќе се пријават доволно за да можеме да ја започнеме сезоната“, рече Мијаииловиќ.
Ситуацијата сега создава дополнителен проблем бидејќи новата сезона треба да започне на 26 септември, а пријавувањето на кандидатите за нови судии е отворено до 21 септември. Тоа остава многу малку време за комплетирање на листата, тестирање и назначување на арбитрите за воведното коло.
Затоа во регионалните медиуми се појави информација дека првото коло би можело да биде одложено, доколку спорот не биде решен навреме. Засега нема официјална потврда дека колото дефинитивно ќе биде поместено. Во меѓувреме, АБА-лигата веќе ги заврши процедурите за избор на дел од новото раководство во спортскиот сектор. Мигел Анхел Перез е назначен за комесар за делегирање на судии и претседател на Судиската комисија, додека Роберт Брдар е нов дисциплински судија.


