Екипата на Шкупи ја оствари втората победа во сезоната откако денеска славеше на домашен терен во дуелот со некогашниот шампион Тиквеш со 85-82.
Драматичниот дуел беше решен во последните секунди, но во текот на сите 40 минути беше неизвесно и израмнето. Највисоката предност на една од екипите изнесуваше девет поени, а ја имаше Шкупи и тоа на две минути пред крајот на третата четвртина (60-51). Претходно Тиквеш подобро го почна мечот, имаше 5-0 на стартот и тоа беше негово највисоко водство.
Последен пат гостите водеа на две минути пред крајот на натпреварот, со 78-77. Арчи и Аранитовиќ потоа поентираа за Шкупи за водство од 81-78, Тиквеш не ги искористи своите напади и Вилијамс со две слободни фрлања на десет секунди пред крајот стави точка на сите надежи на гостите дека ќе дојдат до првата победа на гостински терен оваа сезона.
Вилијамс беше најдобар играч на Шкупи со 21 поен и 13 скока, Стојановски постигна 18 поени и 7 скока, а Златевски додаде 14 поени. Грин го предводеше Тиквеш со 26 поени и 7 асистенции, а Глигоријевиќ оствари дабл дабл со 13 поени и 11 скока.


