Некогашниот европски шампион Виртус се најде на последното место на табелата во Евролигата откако синоќа на домашен терен загуби од Алба со 88-90.
Газета дело спорт тврди дека веднаш по натпреварот, тренерот Лука Банки поднел оставка на својата функција, но таа уште не е прифатена од менаџментот и постои шанса, иако мала, 59-годишниот стручњак да остане на клупата уште извесен период. Реално, тешко дека соработката ќе трае уште долго затоа што истиот извор објави дека Банки имал жестока расправија со генералниот менаџер Паоло Ронки по поразот од Алба, а и не е во добри односи со една од најголемите ѕвезди во тимот Вил Клајбурн.
Можеби причината за неприфаќањето на оставката е утрешниот меч против Црвена Звезда бидејќи раководството на клубот нема доволно време да најде замена, но во текот на денов би требало да има повеќе информации на оваа тема.
Без разлика на исходот, италијанските медиуми веќе почнаа да шпекулираат со името на наследникот на Банки. Прв фаворит е српскиот стручњак Александар Ѓорѓевиќ кој веќе беше тренер на Виртус од 2019 до 2021 година и освои шампионска титула во италијанското првенство. Сепак, Ѓорѓевиќ, наводно, имал високи финансиски барања, па следните денови ќе се знае дали се враќа во екипата од Болоња.


