НБА лигата влегува во последната недела од основниот дел од сезоната, а ситуацијата во Западната конференција е крајно драматична.
Ако до пред неколку дена Денвер и Лејкерс беа „сигурни“ учесници во плејофот, па дури нивната борба беше за третото место, сега е неизвесно дали воопшто ќе бидат во топ-6. Денвер претрпе три порази во низа, а Лејкерс два во последните пет меча, па тоа го искористија Голден Стејт, Минесоа, Мемфис и Лос Анџелес Клиперс кои се во многу подобра форма и се доближија на само една победа од нив.

Лејкерс и Голден Стејт имаат по 77, а останатите четири екипи 78 натпревари и јасно е дека претстои голема драма. Хјустон е сигурен на второто место со дури четири победи повеќе од Лејкерс и Денвер, а Оклахома одамна ја обезбеди првата стартна позиција пред плејофот.

Многу појасна е сликата во Источната конференција каде на една недела пред крајот на основниот дел од сезоната познати се сите шест учесници во плејофот, се знаат и екиипите кои ќе се борат во плејинот, а битката е само за петтата позиција за која „спорат“ Милвоки и Детроит.


