На ден пред крајот на преодниот рок, Мајами Хит конечно се ослободи од својата проблематична суперѕвезда Џими Батлер по трејдот во кој се вклучени четири екипи и вкупно седум играчи.
Иако категорично изјавуваше дека не сака да се пресели во Голден Стејт, ветеранот е трејдуван токму во тимот од Сан Франциско каде ќе ја продолжи кариерата. Покрај Мајами и Голден Стејт, во размената учествуваат уште Детроит и Јута.
Мајами ги доби Ендрју Вигинс, Кајл Андерсон и Пи Џеј Такер, плус пик во првата рунда на драфтот. Во Детроит се преселија Линди Вотерс и Џош Ричардсон, а Јута го доби Денис Шредер. Во размената првично учествуваше и Торонто кој требаше да го добие Андерсон, но на крајот тимот од Канада се повлече.
Со ова е ставен крај на сагата околу Батлер кој сезонава му направи големи проблеми на Мајами Хит. Менаџментот на франшизата три пати го суспендираше својот најдобар играч кој отворено побара трејд, но се надеваше дека ќе заврши во Феникс, а не во Сан Франциско. Вориорс сега повторно имаат „голема тројка“, но сите тројца се ветерани, длабоко навлезени во четвртата деценија од животот и прашање е колку можат да дадат во моментов.


