Ден по трејдот што ја потресе НБА лигата, букмејкерите низ светот направија корекција на коефициентите поврзани со борбата за шампионската титула.
Доаѓањето на Лука Дончиќ го вивна тимот на Лос Анџелес Лејкерс меѓу најголемите фаворити за трофејот иако Словенецот во моментов е повреден и се очекува да се врати на терените за десетина дена. До вчера, квотите на Лејкерс беа 40 за освојување на шампионската титула и 25 за победник во Западната конференција, односно пласман во големото финале. Од денеска, квотата за титулата изнесува само 9, а за пласман во финалето е 8,5.
Букмејкерите низ САД тврдат дека од синоќа, дури 65% од облозите се на шампионска титула на Лејкерс. Во меѓувреме, зголемени се квотите на Далас кој имаше исти шанси како Лејкерс, па сега за титула на Мавс коефициентот е 40, а за пласман во финалето 33.
Лос Анџелес Лејкерс во моментов се наоѓа на петтото место на табелата во Западната конференција со биланс 28/19, но мора да се знае дека во следните денови Леброн ќе мора сам да го носи тимот бидејќи Дејвис си замина, а Дончиќ уште е повреден.


