Со оглед на тоа што нема изразити фаворити како што беше случај претходните години, голема борба ќе се води во Втората македонска кошаркарска лига оваа сезона.
По четири одиграни кола, на делба на првото место се дури пет екипи со идентичен биланс (3/1), односно 7 освоени бодови: Маџари, Соколи, Борец, Ангели и Црн Дрим. Последен оружјето го положи тимот на Ангели кој во текот на викендот загуби на гостувањето кај Црн Дрим во Струга со 74-79. Претходно, токму Ангели го совладаа градскиот ривал Маџари, Борец им го нанесе единствениот пораз на Соколи, а Маџари на Црн Дрим.

Единствена без триумф во досегашните четири кола е екипата на Академија ФМП, сега фузирана со Струмица каде и настапува, но токму поради фузијата, клубот немаше многу време да се екипира и се соочува со проблеми во оваа фаза од сезоната.
Дерби дуелите продолжуваат во петтото коло кога Маџари ќе го пречека тимот на Соколи од Штип, сезонава засилен со поранешниот македонски репрезентативец Никола Караколев.


