Своето деби во АБА лигата, новоформираниот тим Дубаи ќе го има против бранителот на титулата Црвена Звезда, а дел од билетите за тој натпревар се прескапи за наши, па и за услови во останатите држави од поранешна Југославија од каде доаѓаат останатите клубови во регионалното натпреварување.
Мечот е закажан за 22 септември, а влезниците се продаваат од 18 до неверојатни 330 евра или околу 20 илјади денари. Тоа се убедливо најскапи билети во АБА лигата чии цени ретко надминуваат 30-тина евра.
И покрај тоа, најавено е дека Кока Кола арената во Дубаи ќе биде солидно исполнета, а таа има капацитет од 17 илјади места. Стандардот на жителите во Обединетите Арапски Емирати е далеку поголем од овдешниот и веројатно цените се прилагодени на условите во оваа држава.


