Екипата на Дубаи е едно од пријатните изненадувања во Евролигата оваа сезона и на десет кола пред крајот на основниот дел, се уште има шанси да се пласира во плејофот.
Сепак, без оглед како ќе заврши дебитантскиот настап во елитното натпреварување, Дубаи за идната сезона планира дополнително да се засили и дури да се обиде да стигне на завршниот турнир од Евролигата. Веќе се прават планови, а на врвот на листата на желби е германскиот репрезентативец и член на Баерн, Андрес Обст.
Во моментов тој е можеби најдобар играч на шампионот на Германија, но во голема мера, заслугата за тоа ја има македонскиот репрезентативец Ненад Димитријевиќ. Од доаѓањето на нашиот плејмејкер во Баерн минатиот месец, Обст буквално растура затоа што Димитријевиќ одлично му отвора простор и го храни со топки што се гледа и по бројот на асистенции на Нено (10 против Макаби 7 со Валенсија…).
Колку Димитријевиќ значи за Обст, најдобро зборува тоа што на осумте натпревари во Евролигата откако дојде македонскиот кошаркар, тој има просек од 22 поена при што против Басконија броеше до 37, а против Макаби во претходното коло до 33. Од доаѓањето на Димитријевиќ, Обст ниеднаш не бил со едноцифрен ефект. За споредба, пред да дојде Нено, имал просек од едвај 12 поени, седум пати бил едноцифрен, а против Панатинаикос не успеа ни да се запише во листата на стрелците.


