Извесниот влез на Дубаи во АБА лигата може да излезе добар и за македонскиот шампион МЗТ Скопје кога станува збор за статусот на овој клуб во регионалната кошарка.
Аеродромци, за разлика од останатите два македонски претставника, веќе го обезбедија пласманот во плејофот од АБА 2, Пелистер се уште има шанси, а ТФТ веќе ги загуби и во последните три кола само ревијално ќе настапи на турнирот во Широки Бријег. По неговото одржување ќе се знае и конечниот редослед на табелата.
Влезот на Дубаи, за што треба идната недела да биде донесена конечна одлука, ќе донесе зголемување на бројот на учесници во елитната дивизија на АБА од 14 на 16. Најважно е тоа што од АБА 2 во повисок ранг може, евентуално, да се пласира само една српска екипа за што до крајот, жестока борба ќе водат Златибор, Спартак и Војводина кои се главни фаворити за титулата. Шампионот од АБА 2, заедно со Дубаи влегуваат во првата лига и ќе им се придружат на екипите кои таму ќе завршат од првата до 13. позиција.
Под услов титулата да ја освои Златибор, Спартак или Војводина, за последното, 16. место ќе се борат последнопласираната екипа од АБА и најдобрата екипа од АБА 2 што не е од Србија. Тука е шансата на МЗТ Скопје, ако нашиот шампион не ја освои титулата во АБА 2 и со тоа автоматски не обезбеди директен пласман во повисок ранг. МЗТ во конечниот редослед, треба да биде најдобра „несрпска“ екипа бидејќи со тоа ќе се избори за бараж против Крка или Морнар во кој, реално, не е без шанси. Сето ова веројатно ќе биде појасно идната недела кога се очекува конечниот одлука за влезот на Дубаи по што ќе се знае и дали АБА лигата ќе се прошири или не.
Плејофот во АБА 2 од оваа сезона е изменет и не се игра Ф8, туку класично разигрување со натпревари дома-гости при што победник во двомечот е оној кој ќе победи со поголема разлика. МЗТ Скопје во последните три кола од основниот дел влегува како петтопласиран, но со ист биланс како Војводина и Широки кои се на третото и четвртото место и со една победа повеќе од Подгорица која е на шестата позиција. На турнирот во Широки Бријег ќе игра со ТФТ, Златибор и Широки.


