Кошаркарските клубови Војводина и Дубаи официјално ја потврдија соработката која во иднина би можела значително да го промени амбиентот во новосадската, српската и регионалната кошарка.
Двата клуба потпишаа Меморандум за разбирање, со кој се поставени темелите за долгорочна соработка, размена на искуства и заеднички развој на првиот тим и младинските категории.
Соработката нема да биде само формална. Војводина треба да стане филијала, односно своевиден развоен центар за таленти поврзани со Дубаи, а првите конкретни потези веќе се направени. Во Нови Сад се очекува да настапува и 15-годишниот малиски центар Сумаилу Кејта, висок 212 сантиметри, кој Дубаи го откупи од Сарагоса. Минатата сезона тој во кадетската конкуренција во Шпанија просечно бележел 28,5 поени и 13 скока по натпревар.
Амбициите на Војводина се сериозни. Како прва голема цел е поставен пласманот во АБА-лигата, а соработката со Дубаи треба да помогне клубот постепено да создаде услови за настап на највисоко регионално ниво. Особено интересна е најавата дека и самиот Дубаи би можел да гостува во Нови Сад. Првиот човек на клубот, Дејан Камењашевиќ, потврди дека се размислува евролигашкиот состав да одигра натпревар на Спенс во блиска иднина, што би било голем настан за љубителите на кошарката во градот.
За двете страни, идејата е јасна – Војводина да добие подобри услови за работа и развој на млади кошаркари, а Дубаи преку соработката да добие дополнителен простор за развој на таленти и создавање играчи за највисоко европско ниво. Потписот на Меморандумот, кој го ставија претседателите на двата клуба Жељко Ребрача и Дејан Камењашевиќ, така претставува само почеток на проектот кој би можел да ја направи Војводина едно од најинтересните кошаркарски имиња во регионот.
Војводина во текот на септември ќе гостува во Скопје на пријателски натпревар против Работнички, а во АБА 2 лигата првиот официјален меч ќе го одигра против Маџари, на 6 октомври во Нови Сад.


