Македонската репрезентација до 16 години со пораз го започна разигрувањето за пласман од 9. до 16. место на Б-Европското првенство.
Нашите кадети загубија од Ирска со 58-83, иако одиграа рамноправно прво полувреме и по 20 минути беа во целосен резултатски приклучок. Ирците подобро го отворија натпреварот, но Македонија не дозволи противникот да се одлепи. По првата четвртина Ирска имаше минимално водство од 20-19, додека на полувреме резултатот беше 37-35.
Клучниот период дојде во третата четвртина, поточно во првите пет минути од неа во кои македонската селекција целосно падна во играта. Ирците отворија со 15-2 и од предност од два разлика, отидоа на +15 што потоа беше недостижно за нашите кошаркари. Нашите кошаркари постигнаа само осум поени во тој трет период, додека Ирска реализираше дури 25 и за само десет минути направи голема предност.
Проблемите не беа само во нападот. Македонија не успеа да го задржи нивото во одбраната од првото полувреме, што Ирците максимално го искористија и во последните десет минути влегоа со предност од 62-43. Во завршната четвртина Македонија се обиде да направи пресврт, но противникот искусно го контролираше натпреварот и без поголеми проблеми ја сочува предноста за конечни 83-58.
Дион Шабани, Александар Зунзуровски и Илија Коневски беа најефикасни во македонскиот состав со по 13 поени. За избраниците на Дејан Стојановски сега следува нов натпревар во борбата за пласман на 13. место. Главниот предизвик ќе биде да се врати препознатливата борбеност, но пред сè стабилноста во одбраната, која беше еден од најсилните адути на Македонија во досегашниот тек на шампионатот.
По четири натпревари на Б-Европското првенство, македонските кадети имаат две победи и два порази, а до крајот на турнирот ќе се обидат да стигнат до што е можно подобар пласман.


