Кевин Дурент се осврна на сè поголемото влијание на странските кошаркари во НБА-лигата, тврдејќи дека нивниот успех во голема мера е резултат и на влијанието што го имале американските играчи и кошаркарската култура.
Во последните осум сезони, МВП наградата во НБА ја освојуваа странски кошаркари, а последниот Американец кој го доби признанието беше Џејмс Харден во сезоната 2017/18. Дурент смета дека ваквиот развој е природен, бидејќи кошарката одамна е глобален спорт.
„Нашата игра е глобална. Кошарката се игра низ целиот свет. Беше само прашање на време кога момците од целиот свет ќе ги преземат позициите на најдобрите играчи во лигата. Прашањето е – кој влијаеше врз нив?“, порача Дурент.
Ѕвездата на Хјустон особено ги спомена Никола Јокиќ, Кристапс Порзингис и Шеј Гилџес Александер, посочувајќи дека иако тие развиле сопствен стил, биле под влијание на американската кошарка.
„Сите тие момци со дресови на Ајверсон и со дредови, како прават кросовери… Се обидуваат да играат како нас, но станаа успешни играјќи на свој начин“, објасни Дурент.
Како пример го посочи Шеј Гилџес Александер, кој е Канаѓанец, но поголемиот дел од својот кошаркарски развој го поминал во американскиот систем – настапувал во средно училиште и на колеџ во САД.
Дурент потоа се осврна и на Лука Дончиќ, истакнувајќи дека Словенецот презел дел од потезите карактеристични за американските кошаркари, но истовремено и самиот станал пример за новите генерации.
„Ми се допаѓаат момците кои сакаат да бидат како Лука Дончиќ и Мајкл Џордан. Ни треба повеќе инспирација од различни земји и средини“, рече Дурент.
Американецот смета дека токму таквата размена на влијанија ја движи кошарката напред. Според него, генерациите учат една од друга, а секој нов талент додава нешто свое во играта.
„Тие учеа од Дрим-тимот и американските играчи, исто како што и јас учев од американските играчи кои играа пред мене. Тоа е природна еволуција“, заклучи Дурент.


