Веќе една недела, македонските тренери Тони Стојаноски и Виктор Петровски се наоѓаат во Белград, на гости кај Црвена Звезда и тренерот Јанис Сферопулос, во рамките на EUROLEAGUE HEAD COACHES BOARD.
Импресиите од работата со грчкиот стручњак се фантастични, а и покрај обврските со својот тим, Сферопулос е максимално посветен на своите гости. Покрај Стојаноски и Петровски, во групата има уште 20-тина тренери од цела Европа кои учествуваат во проектот.

„Ова е прекрасно искуство за нас. Сферопулос е одличен стручњак, но и прекрасна личност. Освен што ги следиме неговите тренинзи, најмалку по два часа потоа ни ги објаснува и можеме да се информираме за се што не интересира. Во неделата го гледавме и натпреварот во Крка, а вечерва ќе бидеме гости и на дуелот од Евролигата, против Макаби“, велат Стојаноски и Петровски.

Тони Стојаноски има 29 години и е тренер на прволигашот Охрид со кој лани обезбеди историски пласман во елитната конкуренција. Виктор Петровски има 23 години, го предводи женскиот тим на Крива Паланка и е еден од најперспективните стручњаци во земјава со понуди за продолжување на кариерата во Кина и САД.


