Денеска завршува Б-Европското првенство што последните десетина дена се одржуваше во Гевгелија и Скопје, а од синоќа се познати финалистите на шампионатот.
За титулата ќе се борат селекциите на Хрватска и Исланд кои во полуфиналните дуели остварија исклучително убедливи победи. Исланд беше подобар од БиХ со 95-51, а Хрватска ја совлада Естонија со 87-62. Вечерва овие две репрезентации ќе се борат за трофејот на првенството, но јасно е дека веќе ја остварија својата мисија – враќањето во А-дивизијата.
Интересно е тоа што Хрватска и Исланд се наоѓаа во групата Б на ова Европско првенство во кое беше и македонската репрезентација што доволно зборува за квалитетот на тоа друштво. Меѓу себе играа во последното коло и тогаш славеа „коцкестите“ со 80-53 поради што можеби се фаворити за вечерашниот натпревар.
Финалето се игра од 19 часот во Гевгелија, а за третото место кое води во А-дивизијата ќе се борат БиХ и Естонија кои се среќаваат од 18:30 часот. Македонската репрезентација од 14 часот против Бугарија ќе игра за 13. место на ова првенство.


