Шампионот на Македонија, МЗТ Скопје се разбуди во вистински момент и со сигурен триумф го задржа чекорот со Работнички во битката за првото место на табелата.
Аеродромци го победија ТФТ со 78-56 на денот кога десеткратниот македонски првак го прослави својот 58. роденден. Славеник имаше и на спротивната страна, роденден има и тренерот Боро Смилковски, но тој не се израдува на триумф денеска.
Гостите на денешниот меч беа во водство само 23 секунди во првата минута кога водеа со 2-0, по слободните фрлања на Хотон. Се понатаму помина во знакот на МЗТ Скопје кој со тројката на Баковиќ го презеде водството, а по серијата од 9-0 поведе со 19-7 на околу две минути пред крајот на воведната четвртина. ТФТ некако се одржуваше до крајот на полувремето, најблиску беше на 26-32, но во вториот дел МЗТ Скопје дефинитивно го скрши отпорот на градскиот ривал.

По една серија од 8-0 отиде на 44-29, ТФТ во еден период пак се доближи на -6 (45-51), ама следуваше финалниот удар од 14-0 на домашниот тим за 65-45 и крај на сите дилеми околу победникот.
Одлучи катастрофалниот шут за тројка на ТФТ кој погоди само 4 од 26 обиди, како и промашените 11 слободни фрлања на гостинскиот тим, наспроти само два на МЗТ Скопје. Баковиќ беше најефикасен со 15 поени, а Војдан и Дамјан Стојановски додадоа по 13. Кај ТФТ, кој ја прекина серијата од пет победи, Ифеје и Ташовски постигнаа по 15 поени со тоа што првиот имаше и 11 скока.


