Канадската репрезентација ја совлада Грција во еден од дерби-дуелите на денешниот ден и најави борба за висок пласман на Олимписките игри.
Бронзената селекција од ланското Светско првенство триумфираше со 86-79, но до последните секунди победникот беше неизвесен. Сето тоа иако Канада одлично го почна мечот и долго време имаше двоцифрена предност.
Првиот таков случај беше во петтата минута кога поведе со 19-7, Спанулис зеде тајмаут по што Грците почнаа да играат и се доближија на 22-26. Во вториот период Канада отиде на 48-38, а се чинеше дека се е готово кога по серијата од 5-0 на стартот од третата четвртина дојде до водство од 56-40.
И тука не беше готово, предводени од Јанис Адетокунбо, Грците намалија на 60-68 во пресрет на последниот квартал за на средина од него да дојдат на 68-72. Со шест поени во низа Канаѓаните поведоа со 78-68, подоцна имаа и 80-72, а кулминација на драмата беше по 80-78 на околу минута пред крајот на мечот. Во клучните моменти на сцена стапија Гилџес-Александар и Џамал Мареј, па Канада, сепак, не дозволи комплетен пресврт.
Грците го имаа само Јанис Адетокунбо кој постигна 34 поени и 5 скока, Папаниколау заврши со 17, а останатите останаа далеку зад нив. Во канадската репрезентација, Берет беше најефикасен со 23 поени, Гилџес-Александер додаде 21, а Брукс 14.


