Членот на јуниорската репрезентација на Македонија која ја освои титулата на неодамнешното Европско првенство Б-дивизија во Скопје, Марко Луканоски во новата сезона ќе игра во тимот на Игокеа.
Тој го привлече вниманието на европската кошаркарска јавност со своите настапи на европскиот шампионат каде, заедно со Никола Јаничиќ, беше избран во идеалната петорка и од неколкуте понуди од странство, ја избра таа на Игокеа. Босанскиот шампион со него потпиша повеќегодишен договор, а Луканоски повторно заминува во странство откако пред две години играше во италијанскиот тим Басано.

Младиот центар, кој има само 18 години и е висок 209 сантиметри, со Игокеа ќе настапува во јуниорската АБА лига, како и во јуниорското првенство на БиХ. Заминувањето на Луканоски ќе биде тешко надоместливо за неговиот досегашен тим Вардар кој од планираните играчи за претстојната сезона, остана и без Амар Хот откако тој се договори со Работнички.


