На безмалку три месеци пред почетокот на Олимписките игри во Париз, кошаркарот на Барселона, Никола Калиниќ објави дека неговата репрезентативна кариера е завршена и тој нема да конкурира за место во составот на националниот тим.
Тој не играше ни лани на Светското првенство кога јавно призна дека е преморен од долгогодишното напорно темпо, а сега потврди дека не планира да игра повторно.
„Мислам дека завршив со моето учество, не можам повеќе да се изборам на начинот кој е потребен. Дојде време за некои помлади момци да играат и покажат што можат. Особено по успехот од минатата сезона, мислам дека тука е се јасно“, изјави Калиниќ за српските медиуми.
Тој дебитираше за српската репрезентација во 2013 година, една година подоцна беше дел од тимот кој освои сребро на Светското првенство во Шпанија, а има сребрен медал и од Олимписките игри во 2016 година.


