Првпат по 2017 година, репрезентацијата на Шпанија нема да има ниеден кошаркар од Реал Мадрид во своите редови.
Последниот што отпадна е Алберто Абалде кој има мускулна повреда која ќе го одвои околу три недели од терените, но би требало да биде подготвен за новата сезона на клупско ниво. Серхио Љуљ неодамна се откажа од националниот тим, Усман Гаруба има проблем со повреда, а и очекува принова во семејството, па Реал ќе биде без свој претставник во шпанскиот национален тим.
Всушност, ќе има еден, но не во играчкиот кадар и тоа не Шпанец. Станува збор за селекторот, италијанскиот стручњак Серџо Скариоло кој летово беше назначен за тренер на Реал Мадрид, како наследник на Чус Матео и тој за последен пат ќе ја води Шпанија бидејќи во иднина ќе се насочи само на својот клупски ангажман.

Прв и последен пат досега, Реал бил без играч во шпанската репрезентација на големите натпреварувања, на Европското првенство што се одржа во 2017 година. Тогаш „фуријата“ го освои бронзениот медал откако во полуфиналето загуби од Словенија, а во мечот за третото место ја совлада Русија.
Шпанија доживува големи промени ова лето, најважните кошаркари од претходните големи натпреварувања се пензионираа, на Еуробаскетот ќе го има најмладиот состав во последните 20 години, а заминува со само една победа на шест натпревари на подготовките. На континенталниот шампионат се наоѓа во исклучително незгодна група, на Кипар, заедно со домаќинот, потоа БиХ, Италија, Грција и Грузија.


