Освен тоа што има императив по 12. пат да триумфира во Купот, пред МЗТ Скопје е поставен уште еден предизвик.
Од 2014 година, ниедна екипа во Купот на Македонија не успеала да го одбрани пехарот, односно да слави две сезони по ред. Токму МЗТ Скопје беше последниот кој го направи, но дури пред една деценија, во периодот кога ја почнуваше својата доминација во македонската кошарка. Тогаш МЗТ не славеше два пати, туку три пати во низа, од 2012 до 2014 година.
Оттогаш клубот од „Јане Сандански“ освои уште четири пехари во Купот, но до нив доаѓаше преку една година, во 2016, 2018, 2021 и 2023 година (во 2020 Купот не се играше поради пандемијата со корона вирусот). Само еднаш загуби во финале и тоа пред две сезони, од ТФТ, а со оглед на тоа што лани триумфираше, сега има можност повторно да го одбрани пехарот.
Најдолгата серија во Купот на Македонија ја има Работнички кој од 2003 до 2006 година, четири пати по ред славеше во ова натпреварување.


