Репрезентативецот Марко Луканоски е најновиот македонски кошаркар кој одлучи кариерата да ја продолжи во НЦАА.
Довчерашниот кошаркар на Маџари и еден од најперспективните играчи во земјава одлучи да замине во САД каде ќе им се придружи на Димитар Зетов, Теодор Симиќ, Никола Јаничиќ, како и „староседелците“ Андреј Шошкиќ и Павел Иванов, а нема да биде изненадување ако оваа бројка дополнително се зголеми во текот на летото. Во САД, но во средношколските лиги е и 18-годишниот Алексеј Нешовиќ, исто така голем талент на македонската кошарка. Нов тим на Луканоски ќе биде кошаркарската екипа на Универзитетот Линденвуд од сојузната држава Мисури кој се натпреварува во елитната дивизија на НЦАА, во Охајо Вејли Конференцијата.
Together with Marko Lukanoski we are excited to announce his commitment to Lindenwood University. #WEAVE 🧶 pic.twitter.com/9knxfGJAMi
— WEAVE (@WEAVE) June 16, 2026
Ова нема да биде прво интернационално искуство за 20-годишниот центар бидејќи во младинските категории тој играше во Италија. Минатата сезона со Маџари стигна до финалето во домашното кошаркарско првенство, а со своите настапи јасно покажа дека му претстои светла иднина. Како резултат на тоа доби повик во сениорската репрезентација на Македонија за претстојните претквалификациски дуели со Ирска и Луксембург, но и во У20 селекцијата која ја очекува настап на Европското првенство Б-дивизија во Словачка. Пред две години беше дел од идеалната петорка на континенталниот јуниорски шампионат Б-дивизија што се одржа во Скопје, а на кој македонската репрезентација го освои златниот медал.
Линденвуд минатата сезона ја заврши на шестата позиција во својата конференција со биланс од 18 победи и 15 порази.


