Босанскиот прволигаш Широки е освојувач на титулата во АБА 2 лигата за сезоната 2025/26 и идната сезона најверојатно ќе игра во елитната дивизија од регионалното натпреварување.
Во финалето, Широки беше подобар од македонскиот претставник ТФТ со 2-0, а втората победа ја оствари вечерва во Скопје каде славеше со 87-86. Мора да се признае дека титулата на босанскиот тим е апсолутно заслужена ако се знае дека на 14 натпревари оствари 13 победи, а во плејофот ниеднаш не беше совладан.
Херој на Широки е американскиот интернационалец Дмитрик Трајс, поранешен играч на Работнички кој го наполни кошот на ТФТ. Плејмејкерот на босанскиот тим постигна 32 поена, вклучувајќи го кошот за победа, на четири секунди пред крајот на натпреварот. На помалку од минута пред крајот ТФТ имаше негатива од пет разлика (80-85), успеа да ја анулира, па дури и да поведе со 86-85 преку Говенс, но не успеа да го запре Трајс во последниот напад.
Кај ТФТ, Говенс беше најефикасен со 23 поени и осум асистенции за индекс 32, Дејвис постигна 19, а Ташовски 18 поени.
ТФТ со ова го израмни успехот на МЗТ Скопје кој двапати играше во финалето на АБА 2 лигата, но загуби од Сплит и Златибор. Нашиот тим ќе се обиде од втора „мајка“ да дојде до регионалната елита бидејќи му претстои бараж со претпоследниот од АБА лигата, Борац Чачак.


