Полуфиналето од плејофот во Западната конференција почна со спектакуларната пресметка меѓу Оклахома и Денвер за која многумина тврдат дека е финале пред финалето во НБА.
Славеше Денвер како гостин со 121-119, нанесувајќи и го на Оклахома првиот пораз во плејофот оваа сезона имајќи предвид дека во првата рунда го разнесе Мемфис со 4-0. Нагетс заслужуваат честитки за карактерот што го покажаа бидејќи имаа негатива и од 14 разлика, а во последната четвртина беше и -13.
Победникот се решаваше во последните десетина секунди откако претходно Јокиќ ја презеде одговорноста и го стопи водството на домаќинот кој на три минути пред крајот водеше со 113-104. На десет секунди пред крајот Чет Холмгрен имаше две слободни фрлања, при предност на Оклахома од 119-118. Центарот на Тандер ги промаши двата „пенала“, тргна контранапад на Денвер, топката дојде до Гордон кој веднаш се крена на шут и погоди тројка на околу три секунди пред крајот. За Оклахома повеќе немаше време и Денвер со брејк ја отвори серијата.
AARON GORDON 3 FOR THE WIN!!!@nuggets take Game 1 in a THRILLER 🤯 pic.twitter.com/fxV2ReRPZA
— NBA (@NBA) May 6, 2025
Дуелот на најголемите кандидати за МВП признанието му припадна на Никола Јокиќ кој оствари монструозен дабл дабл со 42 поена и 22 скока. Шеј Гилџес Александер беше исто така одличен, постигнувајќи 33 поени, 10 скока и 8 асистенции.


