Вицешампионот на АБА 2, ТФТ официјално го потврди ангажманот на американскиот бек Тејшон Комер кој ќе биде ново засилување за претстојната сезона.
Станува збор за кошаркар кој игра на бековските позиции и важи за играч со одлична организација на играта, висок интензитет во двата правци и изразени лидерски способности. Од клубот веруваат дека Комер ќе донесе дополнителен квалитет и стабилност во ростерот, особено во организацијата на нападот.
Новото засилување за ТФТ доаѓа по успешна сезона во НЦАА лигата, каде што настапуваше за Универзитетот Невада. Комер беше еден од најконстантните играчи на својот тим, завршувајќи како трет најдобар стрелец со просек од 12,5 поени по натпревар. Воедно беше и најдобар асистент на екипата со 3,7 успешни додавања по меч, додека со 20 украдени топки се најде на четвртото место во оваа статистичка категорија.
Со неговото доаѓање, клубот добива плејмејкер кој покрај поентерскиот учинок може да придонесе и во креирањето на играта, а очекувањата се Комер да има значајна улога во амбициите на тимот во новата сезона. Во исто време, тој треба да биде соодветна замена за Виктор Ташовски кој денеска го договори својот трансфер во хрватскиот прволигаш Дубровник.


