Центарот на Филаделфија 76, Жоел Ембид физички нападна новинар по синоќешниот натпревар меѓу неговиот тим и Мемфис Гризлис.
Нападнатиот новинар е колумнистот Маркус Хејс кој во една своја колумна ги спомна синот и покојниот брат на Ембид што предизвика огромен бес кај кошаркарот. Колумната се однесуваше на професионализмот на Ембид кој пред почетокот на сезоната изјави дека ќе игра кога сака, без разлика дали е повреден или не. Камерунецот со американски пасош тргнал кон Хејс и упати жестоки закани кон него.

„Следниот пат кога ќе ги спомнеш син ми и покојниот брат, ќе видиш што ќе ти направам, а подготвен сум да живеам со последиците“, викал Ембид користејќи притоа вулгарни изрази и навреди кој новинарот кој влегол во соблекувалната на Сиксерс за да земе изјави од играчите. Притоа го удрил во рамото, но останатите играчи спречиле поголем инцидент.
Претходно Хејс јавно му се извини на Ембид за колумната, а Инквајер, каде што работи, ја повлече колумната од својот портал. Сепак, центарот не го прифати извинувањето затоа што, како рече, ова не било првпат јавно да се критикува и да се преминат некои граници. Освен што ги спомна неговиот син и брат, Хејс посочил дека Филаделфија 76 треба да им ги рефундира билетите на навивачите затоа што Ембид уште не одиграл ни минута оваа сезона.
Поради нападот на Ембид кон Хејс, НБА покрена истрага и не е исклучено кошаркарот на Филаделфија да биде санкциониран и покрај тоа што доби извинување од медиумот и новинарот.


