Филаделфија 76 е во тешка борба за пласман во плејофот, но расположението во тимот, среде периодот на очајни резултати го подобри информацијата за можното враќање на Жоел Ембид.
Центарот кој лани беше прогласен за МВП на сезоната, пред крајот на јануари доживеа тешка повреда поради која отсуствува веќе два месеца. Прогнозите беа дека нема да се врати до крајот на оваа натпреварувачка кампања, но тој веќе почна со тренинзи и би можел да заигра пред крајот на основниот дел од сезоната. Филаделфија има уште девет меча, основниот дел завршува на 11 април што значи дека ако се врати Ембид, тоа би се случило претстојната недела.
Тоа ќе биде големо засилување за тренерот Ник Нурс кој без Ембид нема многу квалитетни решенија во својот тим. По повредата на најдобриот играч, Филаделфија оствари само 10 победи на 27 натпревари и од екипа која се бореше за првото место на Истокот, падна на осмата позиција. Пласманот во плејинот е обезбеден, но не е далеку и шестото место на кое во моментов е Индијана со две победи повеќе, но и натпевар плус во однос на Филаделфија.


