Камерунскиот центар со американски пасош Жоел Ембид е една од најголемите ѕвезди во НБА лигата, но последните сезони не личи на себе поради честите повреди.
Лани блесна на Олимписките игри, но потоа одигра само 19 натпревари во претходната натпреварувачка кампања, а заедно со 2023/24, таа бројка е едвај 58 натпревари. Нејасно е како ќе изгледа во октомври кога ќе почне новата сезона, но новинарот на Филаделфија Инкваерер, Кит Помпеј открива дека ситуацијата не е добра.
„Мислам дека крајот на Ембид е блиску, но тоа е само мое мислење. Тој е во ужасна состојба, ама ретко има кошаркари во НБА кои кажуваат какви болки преживуваат и низ што поминуваат. Можеби крајот нема да биде претстојната сезона, но тој сепак е блиску“, вели Помпеј.
Иако е еден од најдобрите играчи во НБА, Ембид во својата кариера имаше огромни проблеми со повреди. Од 2014 година кога влезе во лигата, одигра 446 натпревари, а пропушти 400.


