МЗТ Скопје е прв финалист во македонското кошаркарско првенство за сезоната 2023/24, по победата со 3-0 против ТФТ.
Аеродромци вечерва славеа со 72-58 за трет триумф во серијата по што ќе го чекаат подобриот од вториот полуфинален дуел, меѓу Работнички и Пелистер каде битолчани водат со 2-1. Вечерашниот натпревар не понуди драматика и неизвесност, но затоа помина во исклучително емотивна атмосфера, предизвикана од смртта на Марјан Михајловски Мац кој почина вчера, а на кого му се поклони екипата на МЗТ, додека навивачката група Фемили му скандираше во текот на целиот меч.
Првото посериозно водство, гостинот на овој натпревар го имаше на две минути пред крајот на првата четвртина кога МЗТ водеше со 21-14. На крајот од овој квартал беше 28-19, а веќе на стартот од вториот, аеродромци првпат имаа двоцифрена предност (30-19). ТФТ нешто подоцна се доближи на -4 (27-31), но тоа беше се од домаќините бидејќи МЗТ на полувреме имаше 44-32, а во вториот дел разликата ниеднаш не се симна на едноцифрена вредност.
Баковиќ со 14 поени и 8 скока го предводеше МЗТ Скопје, а уште тројца кошаркари постигнаа по 10 поени. Хотон беше убедливо најдобар играч на ТФТ кој постигна 14 поени и 17 скока. За МЗТ Скопје ова ќе биде 12. финале по ред, од 2012 година екипата не пропушти ниедно, освен во 2020 кога првенството беше прекинато поради пандемијата со корона вирусот, а „штрковите“ ќе се обидат да стигнат до 11. шампионска титула во својата историја. За ТФТ овде не завршува сезоната бидејќи го очекува борба за третото место со поразениот од серијата меѓу Работнички и Пелистер.


