Еден 20-годишен битолчанец бил приведен синоќа, за време на натпреварот меѓу МКК Куманово и Пелистер, во четвртфиналето од Купот на Македонија.
Мечот беше прекинат во петтата минута откако Пелистер ја повлече екипата поради односот на полицијата кон битолските навивачи кои организирано пристигнаа во Куманово да го бодрат својот тим.
„На 13.02.2026 во 20:30 часот, полициски службеници од СВР Куманово го лишиле од слобода Ф.Д. (20) од Битола затоа што на кошаркарски натпревар во спортската сала Куманово прескокнал ограда и се обидел да нападнал лице од публиката, но бил спречен“, информираат од Секторот за внатрешни работи.
Како што додаваат од полицијата, тој бил приведен во полициска станица и по целосно документирање на случајот против него ќе следува соодветна пријава. Навивачите на Пелистер подоцна, како што објави Спорт1.мк, направиле инцидент и при враќањето кон Битола откако на излезот на Скопје кон Велес нападнале неколку лица во локал при што направиле неред и оштетиле возило на една жена.


