Првпат во историјата на АБА лигата, екипата на Сплит успеа да го победи Партизан и тоа го направи на теренот на противникот.
Во дуелот на двата поранешни европски шампиони, поуспешен беше хрватскиот тим со 74-67, нанесувајќи му на Партизан еден од најболните во поновата историја, особено ако се знае разликата меѓу двата клуба во секој поглед: финансиски, играчки, амбициите итн. Сплит одигра фантастичен, речиси перфектен меч и постојано беше во водство, а во третата четвртина водеше и со 20 разлика и можеби пропушти можност тотално да го уништи својот ривал.
Тренерот на Партизан, Жељко Обрадовиќ одлучи да одмори дел од ѕвзедите, па не се соблекоа капитенот Пантер и плејмејкерот Доузер и тоа на крајот му се одмазди иако е факт дека играчите се преморени од пренатрупаниот распоред. Домаќините се обидоа во финишот да направат пресврт, но најмногу што успеаја да се доближат беше седум разлика. За очајната игра на денешниот натпревар, играчите на Партизан беа исвиркани од своите навивачи на крајот од мечот што ретко се случува.
За Сплит ова беше четврта победа во последните пет меча во АБА лигата, додека Партизан го претрпе четвртиот во низа, сметајќи ги сите натпреварувања. Како последица на тоа, во прашање сега е доведена и втората позиција на табелата каде сега е Будуќност со една победа повеќе.


