Екипата на Пелистер со победа го почна својот настап во АБА 2 лигата за оваа сезона откако го совлада Широки со 74-72.
Тоа беше прв меѓународен натпревар за вицешампионот на домашен терен во клупската историја, а триумфот предизвика еуфорија кај околу 1.500 присутни во салата „Боро Чурлевски“. Играчите на Александар Петровиќ одлично реагираа по поразот од МЗТ Скопје во Суперкупот и успеаја да им приредат големо задоволство на своите симпатизери.
Пелистер водеше речиси цел натпревар, со мали исклучоци пред крајот на првата и почетокот на втората четвртина. Отвори со 9-0, но противникот ја достигна негативата и дојде до предност од 19-18, подоцна и со 20-19 што беше се од него. Со серија од 8-0, Пелистер подоцна пак отиде на +9 (34-25), но сега водството успеа да го задржи до крајот на мечот.
Се чинеше дека се е готово кога на пет минути пред последниот звук на сирената, македонскиот тим поведе со огромни и највисоки 13 поени разлика (67-54). Сепак, во следните три минути Широки направи серија од 12-0 што во голема мера беше помогнато од домашните играчи бидејќи во тој период тие загубија три топки и промашија два шута за тројка. За среќа, гостите тука застанаа, Антоан постигна четири поени, а клучната тројка ја погоди Мишковиќ на минута пред крајот за водство од 74-69.
Антоан со 16 поени беше најефикасен играч на Пелистер, а двоцифрен беше уште Мишковиќ кој оствари дабл дабл со 13 поени и 11 скока. Во второто коло, на 15 октомври, битолчани гостуваат кај Подгорица.


