Поранешниот шампион на Македонија, Еуро Никел го искористи правото и донесе четврти странец во своите редови.
Нов член на тимот од Кавадарци е кошаркарот од Бахами, Шакило Фриц кој во Македонија доаѓа од Динамо Букурешт каде го помина првиот дел од сезоната. Фриц ги покрива позициите 4 и 5 и треба да го засили составот на Атанас Манев во клучниот дел од сезоната. Искусниот кошаркар доаѓа во Еуро Никел на четири дена пред завршницата од Купот на Македонија што е јасен сигнал дека клубот има големи амбиции во ова натпреварување.
Во дресот на Динамо Букурешт, Фриц просечно постигнувал по 4,2 поена и 2,4 скока за безмалку 13 минути во игра. Пред Романија, настапувал во Португалија и Шпанија. Вечерва Еуро Никел го пречекува Работнички во дербито на 17. коло од Првата лига, но Фриц нема да биде во составот.


