Со 16 порази по ред и од последната позиција на табелата, екипата на Вардар ќе тргне во лигата за опстанок откако ни денеска не успеа да дојде до триумф иако имаше голема шанса.
Во последниот меч од основниот дел во Првата македонска кошаркарска лига, Еуро Никел како гостин славеше кај Вардар со 70-67 и повеќе му направи проблем на домашниот тим, отколку што имаше некоја добивка. Уште вчера беше јасно дека поранешниот шампион ќе го освои шестото место на крајот од основниот дел, но за Вардар денешниот меч беше од витално значење во борбата за опстанок.
Така и почнаа „црвено-црните“, долго време го контролираа резултатот, на голем одмор заминаа со 35-34, а на средина од третата четвртина направи двоцифрена предност (46-36). Сепак, Еуро Никел има премногу искусен тим, до крајот на тој период успеа да го израмни резултатот, а во последниот и да дојде до водство. И тука Вардар не се предаде, на средина од четвртата четвртина водеше со 65-60, на влезот на последната минута имаше +3 (67-64) и тука застана. Смит Меквен прво погоди слободно фрлања, а потоа и тројка за нов пресврт и водство од 68-67 за Еуро Никел. Во клучниот напад Наков не успеа да погоди, Фриц погоди две слободни фрлања, а потоа и Фуџет беше непрецизен од дистанца за продолжение.
Меквен беше најдобар играч во победничкиот тим со 24 поени и 10 скока, а двоцифрен беше само уште Дубински со 20 поени. Атанасов го предводеше Вардар со 16 поени, но се истакна и Хот со дабл дабл ос 12 поени и 13 скока.


