Откако минатата недела ги реши егзистенцијалните проблеми и ја обезбеди својата иднина, поранешниот шампион на Македонија, Тиквеш Голден Игл тргна во акција за составувањето на тимот.
За претстојната сезона се потпишани тројца кошаркари од кои двајца се од минатата натпреварувачка кампања, а еден е нов играч. Во Кавадарци остануваат искусните Стеван Глигоријевиќ и Марјан Младеновиќ кои минатата сезона беа носители на играта и најстандардни во тимот, заедно со Џексон Дубински, со по 25 настапи. Глигоријевиќ беше најдобар скокач во екипата со 6,6 скока по натпревар, а Младеновиќ втор асистент со 3,3 додавања. Нивните договори истекоа со завршувањето на минатата сезона, но управата и стручниот штаб одлучија да ја продолжат соработката.
Нов играч на Тиквеш и воедно прво засилување за тимот е поранешниот младински репрезентативец на Македонија, Габриел Коскоски кој доаѓа од тимот на Гостивар. Во следниот период ќе бидат објавени и странските засилувања со кои кавадарчани ќе атакуваат на висок пласман и место во плејофот.
Новост од Тиквеш е тоа што екипата ќе има нов капитен, во 21-годишниот Тодор Златев, исто така поранешен младински репрезентативец на Македонија.


