Управниот одбор на кошаркарската Евролига на вчерашниот состанок во Барселона ја усвои одлуката, идната сезона да учествуваат 20 екипи во елитното натпреварување, со намера лигата да се прошири во блиска иднина.
„Клубовите ги разгледаа и препораките за подобрување на условите за патување и здравје презентирани од Здружението на играчи на Евролигата (ELPA) и ќе разгледаат потенцијална имплементација и на ниво на лигата и на ниво на поединечни клубови“, се вели во соопштението на Евролигата.
Евролигата објави дека клубовите ја поддржале првичната студија во врска со формирањето на ново натпреварување, кое би ги собрало шампионите на Евролигата и Еврокупот пред почетокот на сезоната. Првите студии за проширување на Евролигата ќе започнат во јули оваа година, а повеќе од 10 клуба изразија интерес за учество.
На состанокот беа одобрени промените поврзани со економската распределба меѓу клубовите. Фондот поврзан со телевизиските права е поделен на два дела. Во првиот, лиценцираните клубови задржуваат 65 проценти од нето приходите од телевизиските права, додека преостанатите 35 проценти се рамномерно распределени меѓу клубовите.
Вкупно 75 проценти од комерцијалниот фонд на Евролигата ќе бидат распределени меѓу сите учесници врз основа на комбинација од спортски резултати, ангажман на навивачите (вклучувајќи посетеност, гледаност на телевизија и дигитална интеракција) и историски резултати, додека преостанатите 25 проценти ќе бидат рамномерно распределени.
Членовите на Управниот одбор на Евролигата добија извештаи за преминот од сегашниот десетгодишен модел на лиценца кон траен модел на „франшиза“, кој се планира да биде завршен до следната сезона. Евролигата, исто така, изјави дека е отворена за разговори со претставници на НБА, „со цел да се истражи можноста за стратешко партнерство“ во наредните години.
Според дамнешните најави, Асвел повеќе нема да биде член на Евролигата и се сели во куповите на ФИБА, додека на негово место се очекува да влезе победникот од Еврокупот, Бург или Бешикташ.


