Во екот на гласините и акциите за формирање НБА Европа, раководството на Евролига се подготвува за контраудар.
Извршниот директор Паулиус Мотиејунас најави дека сериозно се разгледува можност во блиска иднина ова натпреварување да го зголеми бројот на екипите кои учествуваат во него. Од оваа сезона во Евролигата настапуваат 20 тима што е зголемување за две, но и таа бројка може да се зголеми.
„Во идеално сценарио, се стремиме кон лига со 24 екипи. Можеби 22. Две конференции. Ако има две, соперништвата како она помеѓу Олимпијакос и Панатинаикос мора да останат недопрени. Патувањето не е голем проблем, зачувувањето на историските ривалитети е приоритет. Исто така, размислуваме за можеби турнир во средината на сезоната или натпревар на сите ѕвезди. Сакаме полесен распоред и да додадеме нешто ново во натпреварувањето. И сакаме силен Еврокуп. Разговорите се во тек“, вели Мотиејунас.
Тој не посочи временска рамка кога би се случило зголемувањето, но тешко дека може да се очекува такво нешто во следните две години. Прашање е од каде ќе дојдат новите екипи ако станува се поизвесно дека Реал и Барселона ќе се придружат на НБА, најверојатно од 2026 година.


