Извршниот директор на Евролига, Паулиус Мотиејунас најави потенцијална дисквалификација, односно суспензија на клубовите од Израел, по примерот на руските.
Сепак, тој не даде конкретен одговор дали тоа навистина ќе се случи, туку рече дека Евролига чека на сличен потег од другите спортски организации. Причината за тоа лежи во војната што последните две години се води меѓу Израел и Палестина и агресијата на израелската војна во појасот Газа.
„Ја анализираме ситуацијата, а нашата тактика и пристап по овие прашања секогаш биле да ги следиме другите спортски лиги и организации. Затоа така и ќе постапиме, ќе продолжиме да набљудуваме и ќе реагираме во согласност со другите“, рече Мотиејунас.
Минатата недела УЕФА ја разгледуваше можност да ги суспендира израелските клубови, но сепак до таква одлука не дојде иако не е исклучено тоа да се случи наскоро. Израел претстојната сезона ќе има два клуба во Евролигата (Макаби Тел Авив и Хапоел Тел Авив) и еден во Еврокупот (Хапоел Ерусалим).


