Турскиот прволигаш Бешикташ направи големо изненадување елиминирајќи ја Гран Канарија во осминафиналето од Еврокупот.
Тимот предводен од Душан Алимпијевиќ како гостин славеше кај бранителот на титулата со 80-78 што значи дека Еврокупот ќе добие нов освојувач. Тоа беше и кулминација на лошите резултати на Гран Канарија која загуби четири од последните пет натпревари во Еврокупот поради што не успеа да освои едно од првите две места во групата и да оди директно во четвртфианалето. На Алимпијевиќ со ова му се повторува 2022 година кога како тренер на Бурсаспор во оваа фаза го елиминира Партизан, а потоа стигна во финалето.
Новиот македонски репрезентативец Итан Хап на теренот помина нешто помалку од 18 минути и за тоа време постигна 10 поени и 4 скока. Во четвртфиналето, Бешикташ ќе игра со Хапоел Тел Авив со кого се сретна и во групната фаза и доживеа два пораза. Интересно е тоа што елиминација доживеа и вториот финалист од минатата сезона во Еврокупот, Турк Телеком кој загуби на гостувањето кај Лондон Лајонс со 77-100.
Во четвртфиналето се вклучува и Париз со Ти Џеј Шортс кој за противник ќе го има шпанскиот прволигаш Хувентут.
РЕЗУЛТАТИ
Улм – Хувентус 79-88
Прометеј – Арис 95-67
Лондон Лајонс – Турк Телеком 100-77
Гран Канарија – Бешикташ 78-80
ДВОЈКИ ЗА ЧЕТВРТФИНАЛЕТО
Париз – Хувентут
Хапоел – Бешикташ
Бурж – Прометеј
Клуж – Лондон Лајонс


