По повод 25-годишнината од постоењето, Евролига почна избор на најдобрите 25 кошаркари во историјата на ова натпреварување.
Во конкуренција се вкупно 100 имиња, а меѓу нив нема ниеден Македонец иако во овој четврт век неколку кошаркари од земјава се истакнаа во Евролигата. Пред се, тоа се однесува на Перо Антиќ кој има три шампионски титули и е еден од најтрофејните во историјата на натпреварувањето. Повеќе од него и тоа по четири, имаат само Шарунас Јасикевичиус, Кајл Хајнс и Костас Слукас со тоа што Антиќ во Евролигата играше само пет сезони.
Покрај него, Врбица Стефанов два пати со Монтепаски Сиена играше на завршниот турнир од и беше меѓу најзначајните играчи во тимот, а на Ф4 настапи и Владо Илиевски кој има најдолга историја затоа што во Евролигата настапуваше за Олимпија Љубљана, Барселона, Рома, Тау Керамика, Анадолу Ефес, Цедевита итн.
Гласањето за најдобрите 25 во историјата на Евролигата почна денеска, а ќе трае до 8 јануари напладне.


