Тренерот на Олимпија Милано, Еторе Месина е еден од ретките европски стручњаци кои имале можност да работат во НБА и запознат е со многу работи во претходните две децении.
Беше асистент во Лос Анџелес Лејкерс и Сан Антонио Спарс во 2011/12 и од 2014 до 2019 година, а последните сезони е тренер на Олимпија Милано. Во своето последно интервју, тој откри дека пред 15-тина години, Евролигата имала можност потесно да соработува со НБА, па дури и да стане нејзина развојна лига.
„Мислам дека пропуштивме голема шанса Евролига да ја направиме развојна лига на НБА. Тоа беше голема стратешка грешка и грешка во однос на визијата за иднината. Ако тогаш станевме развојна лига, пазарот ќе беше отворен и немаше да се најдеме во ваква ситуација, да имаме проблеми со наоѓање нови играчи. Нашата иднина е доведена во прашање бидејќи во Евролигата во најголем дел настапуваат кошаркари кои се во поодминати години.
За наше добро, сметам дека е потребно во блиска иднина да се направи соработка меѓу
ФИБА и НБА. Ме загрижува кога понекогаш Комесарот на НБА, Адам Силвер зборува за економската и техничката помош која и ја дава на Африка“, рече Месина.
Евролига со години се обидува да го преземе начинот на функционирање на НБА, но сето тоа оди тешко бидејќи европската кошарка не е профитабилна како НБА или како европскиот фудбал. Може да биде уште полошо ако Евролига остане на својот став од идната сезона да воведе селари кап.


