Голем пресврт во европската клупска кошарка – сопствениците на Евролигата го одбија предлогот за соработка со НБА-лигата, со што наместо приближување, двете страни засега прават чекор назад.
На состанокот одржан на брегот на езерото Комо, 13-те сопственици на клубовите акционери во Евролигата, без присуство на Димитрис Јанакопулос, застанаа зад одлуката да не ја прифатат понудата од американската лига. Според информациите што ги објавија европските медиуми, дел од клубовите условите ги оцениле како неприфатливи и „колонијалистички“.
Сепак, не постои целосно единство околу тоа како треба да изгледа иднината. Олимпијакос, Барселона, Олимпија Милано и Басконија биле меѓу најголемите противници на американскиот предлог, додека Реал Мадрид, Панатинаикос и Фенербахче имале поблаг став и биле отворени за продолжување на разговорите, но на крајот гласале за одбивање на понудата.
Клучниот проблем е различната визија за иднината на европската кошарка. Евролигата сака да продолжи со сопствениот план за проширување и развој на натпреварувањето, додека НБА има своја визија за европски проект, кој би требало да донесе ново натпреварување на континентот.
Според досегашните информации, НБА планира европска лига со 16 екипи, со 12 постојани франшизи во големи европски градови и дополнителни места кои би се обезбедувале преку спортскиот резултат. Почетокот на проектот е планиран за 2027 година.
Од другата страна, Евролигата веќе работи на својот модел на проширување. Во игра се 11 кандидати за нови франшизи, меѓу кои и Партизан, Црвена звезда, Дубаи, Хапоел Тел Авив, Лондон Лајонс, Наполи, ПАОК, Париз, Рома, Валенсија и Виртус Болоња. Првичниот план е осум од нив да добијат место во проширеното натпреварување, кое би броело 24 екипи.
НБА, пак, сака во својот проект да ги вклучи и најголемите европски спортски брендови. Меѓу градовите и пазарите кои се споменуваат се Милано, Рим, Берлин, Барселона, Лондон, Манчестер, Париз, Лион, Минхен, Истанбул и Атина, а американската страна веќе разговарала и со големи фудбалски клубови како Пари Сен Жермен, Барселона, Реал Мадрид, Баерн и Милан.
Со денешното „не“, меѓутоа, приказната далеку од завршена. Напротив, европската кошарка сега влегува во уште понеизвесна фаза. Ако нема договор меѓу двете страни, Европа може да добие две големи натпреварувања кои ќе се борат за клубовите, најдобрите играчи, телевизиските права, спонзорите и навивачите.
И токму затоа одлуката од Комо може да биде еден од најважните моменти за иднината на европската кошарка во последните години.


